Со богата програма Здружението „Акцијаши“ од Скопје од 23 до 29 јули ќе одбележи три големи јубилеи на доброволното младинско работно ангажирање.
Станува збор за 70 години од работната акција за изградба на браната и хидроцентралата „Вруток“ - „Маврово 48“, 55 години од акцијата за расчистување на земјотресот во Скопје - „Скопје 63“ и 40 години од изградбата на автопатот „Братство и единество“, сите организирани на сојузно ниво.
Претседателот на Организацискиот одбор за одбележување на јубилеите, актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, Борче Ѓеорѓиевски информира дека на прославата се поканети и ќе присуствуваат нивни колеги акцијаши од просторите од поранешна СФРЈ кои на 22 јули симболично ќе пристигнат во Скопје во 5:17 часот, времето кога за 12 секунди Скопје беше срамнето со земја во катастрофалниот земјотрес.
- Идејата е да се долови моментот на катастрофалниот земјотрес кога за расчистување и обновување на Скопје, освен тогашната ЈНА и други организации, активно учествуваа и акцијашите од цела поранешна Југославија. Затоа сакаме на симболичен начин тоа чувство да го доловиме и како град на солидарноста да изразиме голема благодарност до целата светска јавност и до сите југословенски народи кои на добоволна основа помогнаа од урнатините да се извлечат настраданите, како и во обновата на градот со вклучување во работната акција „Скопје 63“...,Во 1983 се оджа уште една работна акција „Скопје на нашите дланки“, а тоа ќе биде пораката и од годинешната јубилејлна манифестација, рече Ѓеорѓиевски.
Во програмските активности ќе бидат вклучени АРМ, Дирекцијата за заштита и спасување на РМ, МВР, Црвениот крст на РМ и голем број доброволци.
Централната свеченост ќе се одржи на 28 јули во Катланово, каде беше лоцирана населбата на акцијашите.
Инаку, во здружението „Акцијаши“ покрај голем број ветерани кои учествувале на работните акции во поранешна СФРЈ има и над 70 младинци кои ја продолжуваат традицијата на доброволно ангажирање.