Деветчлена репрезентација на Македонија ќе биде дел од 199 натпреварувачи од 32 европски држави на Европското првенство во спортско моделарство, во категоријата на воздухопловни модели за слободен лет, што ќе се одржи од 23 до 27 јули во унагрски Сентеш во Организација на Меѓународна воздухопловна спортска федерација (ФАИ) и на Унгарската Воздухопловна Федерација
Според селекторот на репрезентацијата Здравко Тодороски, македонските репрезентативци долго се подготвуваа за првенството.
- Престиж е да се учествува на врвни меѓународни воздухопловни манифестации. Затоа што Европа е основоположник, центар и предводник на развојот на сите воздухопловни спортови, па и на спортското моделарство во сите негови дисциплини. Македонската воздухопловна федерација е горда на репрезентативците, а од пресудно значење е поддршката добиена од Македонски Олимписки Комитет, Македонска Навигација и Агенцијата за Млади и Спорт, рече Тодороски.
Во македонската репрезентација се: Небојша Стошиќ од аероклубот „Витачево“ Кавадарци, Петар Илиевски од аероклубот „Мирко Тодоровски“ Битола, Зоран Велкоски од воздухопловниот клуб „Фил Феникс“ од Прилеп, Анастас Божинов Митко Цветановски и Александар Цветановски Јуниор од аероклубот „Охрид“ од Охрид, а помошници се: Марјан Димов од „Витачево“ - Кавадарци и Насте Здравески од „Мирко Тодоровски“ од Битола.
Натпреварите на европското првенство во Унгарија се во три категории и тоа: Ф1А (едрилици), Ф1Б гумењаци - ( воздухопловни модели со погон на гумен мотор) и Ф1Ц (воздухопловни модели со погон на клипен мотор).
- Репрезентацијата е составена од искусни спортисти кои биле државни прваци и освојувачи на трофеи од светските купови. Репрезентативците ќе имаат непосредни контакти со најдобрите европски спортисти со кои ќе се натпреваруваат. Овој пат во репрезентацијата, поради здравствени проблеми, нема да бидат двајцата врвни спортисти Климент Масин од аероклубот „Охрид“ и Гоце Јосифовски од аероклубот „Витачево“ од Кавадарци, како и државниот првак во Ф1А, Давид Најдоски од Прилеп. Сепак, од искусниот репрезентативен состав, очекуваме да се претстави во најдобро светло, објаснува Тодороски.