Во штипското село Пиперово утре на традиционална македонска свадба судбоносно „да“ ќе го кажат Борче и Надица Ристови.

Идните сопружници подолго време живеат и работат во странство, но се одлучиле својата љубиов да ја крунисаат со традиционална свадба, така како што нивните предци стапувале во брак. Младоженецот Борче Ристов вели дека неговото родно место е село Пиперово, а свадбата ќе биде со сите адтети кои се практикувале во Лакавичкиот регион.

Свеченоста ќе почне во 10 часот, а свадбените обичаи во домовите на младоженецот и невестата се планирани за околу 11 часот. Самата венчавка ќе се одржи во селската црква „Св. Богородица“. Карактеристика на свадбата е тоа што ќе може да присуствува секој кој сака одблизу да се запознае со традиционалниот начин на одржување на свадбената свеченост. Целата иницијатива ја поддржа Дом на млади -Штип и Академија „Еуро-арт“. Универзитетскиот професор Ангел Михајловски од „Еуро-Арт“ вели дека пред неколку години имале и теренски активности.

- Обичаите кои се практикувале во овој регион ги објавивме во една научна публикација. Многу ни е мило што Ристови сакаат својата свадба да ја направат според оние обичаи, кои се практикувале до педесетитет години од минатиот век, вели Михајловски.

Директорот на Дом на млади-Штип, Горан Трајков вели дека за сите посетители е организиран и бесплатен ручек и пијалоци. Оваа манифестација годинава ќе се одржи за прв пат, но тенденција е во иднина да стане традиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2018 16:37