Општина Кавадарци за прв пат донесе одлука да субвенционира купување енергетски ефикасни грејни тела. Раководителот на Секторот за локален економски развој, Тодор Ефремов денеска појасни дека оваа одлука опфаќа субвенција за купување на печки на пелети како и инвертер клими.

- Со цел да ја заштитиме нашата животна средина, да ја намалиме потрошувачката на енергија, а истовремено и да го заштитиме воздухот од загадување. За оваа намена општината од буџетот обезбеди средства во висина од еден милион денари. Овие средства ќе бидат распределени врз основа на јавен повик, кој се очекува да се објави првата недела во месец август. Субвенциите се со висина од 15 илјади денари по купено грејно тело, во јавниот повик детално ќе биде објаснето сите документи кои ќе има потреба да ги достават граѓаните, информираше Ефремов.

Согласно правилник, апликантите задолжително треба да се жители на општината, да имаат оригинална фискална сметка дека е набавено грејното тело.

- Максималната висина е определена на 50 отсто од износот на вредноста на енергетското тело, или не повеќе од 15 илјади денари од грејно тело, еден член на едно семејство има право да аплицира само еднаш, соопшти Ефремов.

Претходно, општината субвенционираше набавка на велосипеди и имаше голема заинтересираност од страна на кавадарчани. И тогаш, а и сега, субвенционирањето е по принципот прв пристигнат, прв услужен.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2018 17:18