Идејното решение на Друштвото за архитектура, урбанизам и инженеринг Тетракстис Кристијан Дооел експорт импрот Скопје за аква-парк во гостиварската населба Дутлок, посебна општинска комисија го оцени како најдобро.
Според пропозицииите, проектот треба да биде откупен за 50 илјади денари.
Од службата за информирање известија дека изборот на идејното решение следи по завршување на конкурсот објавен по електронскиот систем за јавни набавки објави. Локалните власти најавија дека изградбата на аква-паркот ќе биде економична и нема да го оптовари општинскиот буџет, бидејќи целосната реазлизација ќе биде на принцип на јавно-приватно партнерство.
Со овој проект, на гостиварци во иднина ќе им бидат на располагање содржини на водна површина со над 2.000 квадратни метри. Идниот аква парк треба да има базени за спирални тобогани, за брзи тобогани базен со бранови, мрзлива река, плиток базен за деца до 4 години, детски базен за деца од 4 до 14 години.
Реализацијата на овој забавно-рекреативен објект според најавите треба да биде идната година. Претходно, општинските власти ја определија локацијата во ДУП за блок 16 во зоната која е предвидена за спортски-рекреативни активности, каде што веќе постојат спортски терени, појаснуваат од општина Гостивар.