Децата бегалци од Егејска Македонија, кои се дел од Петтата светска средба, денеска се собраа и во штипското село Брест на манастирот Свети Пантелејмон. Јордан Тунев претседател на Здружението „Македонски Егеј“ – Штип посочи дека средбата е почната на 19 јули, а ќе заврши утре во хотелот Континентал.
Прашан дали сега со договорот меѓу Македонија и Грција ќе отстапат од тужбите кои имаат доставено до судот во Стразбур за враќање на имотите од грчка страна, Тунев со став дека засега не отстапуваат од доставените тужби.
- Ангажирани се адвокати, нашите барања се процесуирани, постојат заверени, а сега адвокатите си ја тераат својата работа, изјави Тунев.
Македонските здруженија најавија дека прават и нова стратегија по ова прашање, која ќе ја соопштат во септември.
На средбата присуствуваше и Коста Маргин кој живее во Мелбурн, Австралија, а потекнува од селото Бапчор. Пред извесно време го посетил селото, кое е изгорено до темели.
- Селото е целото изгорено, не се познава каде порано имало куќа или нива. Постои само црквата. Кога заминувале моите се оставиле зад себе, па и документите за имотот, изјави Маргин.
Тужба до судот во Стразбур не поднел ниту Ванчо Хаџи Стојанов, по потекло од Драмско, но затоа, пак, се одважил и го посетил лично сегашниот градоначалник од кој добил уверување дека евиденција за имот постои, меѓутоа од 1957 година па наваму, а му дал и оптимистички одговор по прашањето за имотите.
- Ако влезете во Европската унија сите имотни прашања ќе ви бидат решени. Така рече градоначалникот, кој беше многу пријатен човек, а и комшија ми беше, изјави Хаџи Стојанов.
На денешната средба на децата бегалци од Егејска Македонија присуствуваше и градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски.