До крајот на годинава, манастирот „Трескавец“ кај Прилеп треба да го добие својот препознатлив лик на големо духовно светилиште од 12 век и културно богатство уште од антиката. Пет години од последниот пожар, манастирот Трескавец постепено се обновува.

Според Никола Ѓулизибариќ, главен проект-менаџер за Трескавец од иведувачот, фирмата „Кото“ од Белград, Србија, крајниот рок за изградба на опожарените конаци е напролет, но изведувачите настојуваат до крајот на годинава манастирот да биде завршен. Ќе има трислојна заштита од пожари.

Според нашиот договор, посочи, крајниот рок да ги завршиме работите се напролет во 2019 годсина. Нагласи дека настојуваат конаците да ги завршат до крајот на годинава.

- Сега дојдовме до завршната фаза, ги почнавме занаетчиските работи и сите се радуваме да завршиме побрзо и поквалитетно. Сите материјали што ги вградуваме во конаците се првокласни и со висок квалитет. Така на пример, керамиката е од Италија, дрвото од Србија, камените плочи за покривање се од Грција, така што ги применуваме најдобрите и најсовремени материјали. Посебен акцент е ставен на противпожарната заштита. Имаме три системи за противпожарна заштита. Во овој момент се работи на проект за да се синхронизираат трите вида на заштита. Кога ќе завршиме, објектот треба да биде 100 отсто заштитен од пожари. Манастирот Трескавец и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ се специфични што се однесува до изведбата на работите, истакна Ѓулизибариќ.

Според него, треба да се работи полека, внимателно, зашто станува збор за префинети занаетчиски изведби.

- Мора да биде приближно како што било некогаш. Имаме искуство во тоа, нашите мајстори работат на вакви објекти веќе 25 години. Трескавец е светско богатство и е меѓу 100-те најпознати во целиот свет. Има своја автентична историја, особено ископините околу манастирот кои датираат од пред нашата ера, вели Ѓулизибариќ.

Единствениот жител на манастирот Трескавец, отец Калист со голема надеж е дека наредниот Велигден ќе се прослави во обновениот манастир со многу гости. Се работи на повеќе проекти.

- Работите се во поодмината фаза. Се надеваме дека до крајот на годинава ќе го видиме крајот. Можеби некои интериерни ситници ќе останат за напролет. Како и да е, за следниот Велигден Трескавец ќе блесне со сиот свој сјај за гостите. Реконструкцијта на опожарените конаци е само еден сегмент од целиот „мозаик“ Трескавец. Југоиточното крило сѐ уште не е започнато со реновирање, а најзначаен проект е реставрацијата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која датира од 12 век. Тоа заедно оди со трпезаријата која е од истиот период. Но многу битен е и третиот проект за магерницата и магерничкиот конак, а тоа е југозападниот дел на Трескавец, појасни отец Калист.

За проектот за водоснабдувањето на Трескавец, кој е исклучително тежок за реализација, потенцира дека очекуваат информација дали ќе биде оваа или наредната година.

- Има многу работа да се возобнови Трескавец. Предвидовме и простор за презентација на целото движно наследство на Трескавец. Ќе има музејска поставка, главно со 30-ина икони од 16, 18 и од 20 век, како и со ексклузивми предмети од археолошките истражувања последните четири години кои ќе ја раскажуваат приказната за Трескавец и за античката населба Колобаиса..., рече отец Калист.

И додека се обновува, манастирот Трескавец го посетуваат гости од целиот свет. Трескавец на надмосрка височина од над 1200 метри на работ на Пелагонија, под Златоврв, секогаш имал различни поклоници и туристи кои преферираат културен туризам, а и оние со авантуристички дух, бидејќи веднаш до манастирот е и полетувалиштето за параглајдеристи



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2018 16:42