Битолското културно лето „БитФест“ синоќа продолжи со поетско матине кое за публиката во овој град го приреди современиот грчки поет, Јоргос Јанопулос.

Јанопулос е поет, романсиер, есеист, преведувач, уредник и издавач, роден во Атина. Живеел во Њујорк, Париз, Амстердам и Брисел, а денес живее во Солун, каде раководи со издавачката куќа „Енекен“.

На синоќешното поетско матине во Битола беше истакнато дека Јанопулос објавил три збирки поезија „Патеки“, „Летото на смртните“ и „Зборови на смртта и љубовта“, како и романот „Црната книга“, а во својата ревија „Енекен“, меѓудругите превел дела на Владо Урошевиќ и Томислав Османли, и ја претставил битолската ликовна уметница Сандра Котевска.

Поезијата на Јанопулос синоќа беше збогатена и со музика во изведба на извонредната музичарка со грчко потекло, Мелина Илиопулу, родена во Варна, Бугарија, која од 1986 година е редовен член на државниот оркестар на Солун, а членува и во мали музички состави кои свират собна музика Тес –квинтет и Фаготисимо.

Поетското матине со Јоргос Јанопулос го следеа вљубеници во поезијата, членови на македонско грчкото друштво од Битола, претставници на Влашката заедница во Битола и градоначалникот на Битола Наташа Петровска.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2018 18:43