Четворица кривопаланечки извидници од Извидничкиот одред „Наум Наумовски-Борче" беа дел од годинашната 12-та Смотра на Сојуз на извидници на Македонија која од 14 до 22 јули се одржа во село Скребатино, Охридско.

- Смотрата е традиционална, со меѓународен карактер, а годинава учествуваа вкупно 1300 извидници од дваесет земји од светот и од нашата држава.Нашите членови , вкупно шестмина, од кои двајца со еднодневно присуство, беа дел од обуките,едукативните работилници и активностите за усовршување на извиднички вештини и скаутство, изјави Соња Ангеловска од ИО "Наум Наумовски-Борче". Редовното учество на претставници од овој одред, најстар во Република Македонија, на смотрата со интернационален предзнак, е само дел од бројните активности на годишно ниво со кои се унапредува работењето, но и вештините на скаутите од Крива Паланка, преку размена на искуства. Меѓународната Смотра на Сојузот на извидници на Македонија се одржува секоја четврта година, а годинашната беше реализирана под мотото „Бескрајна приказна". - На смотрата беа одржани повеќе од 100 едукативни работилници, со неодминливо дружење резервирано за вечерните часови со културно-забавни активности, а Смотрата свечено ја отвори претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, додаде Ангеловска. Смотрата на Сојузот на извидници на Македонија се реализираше со логистичка поддршка од Армијата на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 10:16