Фирмата „Резервоар минералс Македонија“ која имаше концесија за детални геолошки истражувања за металични суровини на локалитетот Конско на планината Кожуф, доставила иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста за одлуката за распишување референдум на локално ниво, поради што Уставниот суд побара од општина Гевгелија во рок од 15 дена по приемот на писмото да ги достави актите и мислењата по наодите во иницијативата.

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков истакна дека во законскиот рок Уставниот суд ќе ги добие од општина Гевгелија одлуките за распишување реферндум од 15 март 2017 година, резултатите од референдумот одржан на 23 април 2017 година на кој речиси 99 отсто од излезените граѓани гласаа против отворање рудници, како и мислењето во врска со поднесената иницијатива.

- Мнозинството граѓани на општина Гевгелија, Советот и јас како градоначалник, но и Владата имаме идентичен и јасен став околу ова прашање и тоа потврден преку неколку одлуки не само на локалната самоуправа која дава мислење, туку и на Владата која го одби барањето за продолжување на истражувањата за металични суровини кај Конско, рече Поцков.

Нагласи дека граѓанскиот активизам по ова прашање го сфаќа како подршка на нивната определба за одржлив економски и еколошки развој на општина Гевгелија.

- Затоа сметам дека нема место за паника. За нас битката за „зелена“ Гевгелија е добиена само во иднина треба да ја надградуваме, додаде Поцков.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 12:46