Екипи на ЈП „Комуналец“-Битола со поддршка на механизација од РЕК Битола го изгаснаа пожарот што избувна во комуналната депонија „Мегленци“, лоцирана во непосредна близина на рударско-енергетскиот комбинат.

Од ЈП „Комуналец“-Битола информираат дека реагирале веднаш за да не се случи ширење на пожарот и да не се пренесе надвор од територијата на комуналната депонија.

- Ангажиравме екипи и побаравме помош од РЕК Битола и пожарникари од општина Новаци, на чија територија е комуналната депонија. Поради топлото време, пожарот зафати голема површини и се прошири, но истиот веќе е ставен под контрола. За овој пожар ја известивме и СВР Битола за да се утврди кои се причините за опожарувањето на депонијата „Мегленци“ бидејќи имаме впечаток дека пожарот е подметнат, истакна Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“-Битола.

Комуналната депонија „Мегленци“ е со површина од шест хектари, а опожарени биле два хектара, информираа од ЈП „Комуналец“-Битола кои презеле и превентивни мерки за спречување на нов пожар на депонијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 14:00