Претставници од општинскиот Сојуз на борците од НОВ на Виница и од Армијата на Република Македонија ја одбележаа 74-годишнината од формирањето на Четвртата македонска бригада, една од најзначајните воени структури која во тој период го обезбедувала заседанието на АСНОМ.
Делегацијата го посети спомен-обележјето на врвот Лисец на планината Плачковица каде била формирана бригадата и им оддаде почит на загинатите борци, по што се одржа историски час.
- При самото формирање бригадата броела 200, но за краток период се зголемила на 750 борци, а со воено-тактичките операции раководеле генералите Васко Карангелевски и Кирил Михајловски - Груица со поддршка од командатот Борко Милевски и политичкиот комесар Раде Гогов - Црноречки. Во борбите против фашистичкиот окупатор борците за три месеци поминале околу 1.200 километри во источниот регион на државата, при што загинале 88 војници, а 120 биле ранети, истакна Тодор Димитров, секретар на Сојузот на борците од Виница.
Во знак на почит за пожртвуваноста на борците од овој регион, освен на местото на формирањето на бригадата, подигнати се уште две спомен плочи на местото на кое се водени најжестоките борби и на врвот Бел Камен каде што била главната база.
Четвртата македонска бригада била одликувана со орденот „Заслуга за народот со златен венец“ од страна на тогашниот врховен командант на Народноослободителната војска на Југославија.