Проблемот на пациентите кои подлежат на хемодијализа која до неодамна је добиваа во подружницата на Центарот за дијализа „Систина нефроплус“ во Дебар, а сега се приморани да патуваат до Струга, се очекува да биде надминат.

Тоа им е ветено на средбата што тие ја имаа денеска во Дебар со претставници на установата. Според пациентите, како што им било речено, расипан бил дел од апаратите, кој се очекува да биде заменет до крајот на неделава. Тие додадоа дека тоа можело да се направи и претходно, а не да се чека на, како што го нарекоа, протест на пациентите.

Моментно хемодијализа во Дебар добиваат 11 пациенти од нив осум се постојани пациенти, односно жители на Дебар, селото Могорече и Горно Косоврасти, додека тројца се нашинци кои живеат во странство, а летото го минуваат во родниот крај.

Сите тие секој втор ден патуваат со комби возило до Струга. Посочија дека се задоволни од досегашната услуга и однос на вработените во подружницата на „Систина нефроплус“ во Дебар, која почна со работа во март 2014 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2018 15:01