Поради зголемениот интерес за собирање шумски плодови во кочанскиот регион, подружницата „Осогово“ на ЈП „Македонски шуми“ за првите шест месеци од годинава издала над 70 дозволи.

Најголем дел од дозволите се однесуваат за територијата на Осоговските Планини, при што 25 се за кочанскиот, а останатите се за пробиштипскиот дел.

- Пријавувањето и регистрацијата кај нас се врши веднаш, при што собирачите на шумски плодови добиваат детални информации за целокупниот систем на одржливо користење, контрола и законските обврски во оваа област. Во изминатиот период забележано е нарушување на природниот еко-систем и намерно оштетување растенија, посебно кај боровинките, со цел да се намали количината за следната година и да се постигнат повисоки откупни цени, истакна Благојчо Диванисов, раководител на шумската подружница „Осогово“ од Кочани.

Сезоната за собирање на шумските плодови почнува од август, поради што Диванисов апелираше да не се берат предвреме и недозреани. Казните се високи и достигнуваат 4.000 евра.

Годишната дозвола за собирање шумски плодови чини 400 денари, а најголем интерес кај граѓаните од Кочани и регионот има за собирање боровинки и шипинки.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2018 15:43