Битолчанецот Никола Костурски, лустриран од поранешната државна Комисија за верификација на фактите, позната уште како Комисија за лустрација, денеска на прес конференција во Битола изјави дека Европскиот суд за човекови права донел одлука, а Владата на Република Македонија дала согласност за исплата на 6.500 евра оштета заради прекршување на човеково право –фер судење.

Според Костурски, процесот на лустрација против него бил мотивиран заради неговото јавно спротивставување со политиките на претходната власт и неговата активност во Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола.

- Во 2013 година Светскиот Македонски Конгрес побара од општина Битола да се укине традиционалната Средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и да се прославува на друга, заедничка „Иселеничка среба“ во Трново. Бидејќи се спротивставив на таквото барање, истата година, во месец ноември бев лустриран. За изнесените податоци во мојот предмет со кој ми е нанесена неправда, не добив фер судење и се жалев во Стразбур и конечно добив пресуда во која се потврдува дека моите човекови права се прекршени, не е овозможено фер судење и според пресудата Република Македонија треба да ми исплати на име нематеријална штета во износ од 6.500 евра кои македонската Влада ги прифати заедно со одлуката, односно декларацијата која пристигна од Стразбур, изјави Костурски.

На денешната прес-конференција во Битола, Костурски истакна дека ќе продолжи да ја бара својата правда и фер судење, заради одлуката за негова лустрација.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2018 16:13