Телесното вежбање и спортот не се резервирани само за „здравите” лица. Младите лица со инвалидност, исто така, ако не и повеќе од тоа, имаат потреба од телесна активност со програмиран напор и правилно дозирани физички оптоварувања. Младите лица со инвалидност, повеќе или помалку, секојдневно се изложени на долготрајно седење и физичка неактивност која ако трае подолг временски период доведува до уште поголемо намалување или потполно губење на преостанатите физички способности.
Тој „седечки” начин на живот ја условува неопходната потреба од спортување, спортската рекреација и рехабилитација, со цел подобрување на аеробните капацитети, регулирање на телесната тежина и намалување на ризикот од кардио-васкуларни и респираторни заболувања, вели Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија, „Мобилност-Македонија“.
Според Јовановски, спортот претставува повисока фаза во еволуцијата на телесната вежба на младите лица со инвалидност. Правилно одбраните спортови и дисциплини поволно делуваат на целиот организам и ја зголемуваат мускулната сила, подвижноста, еластичноста и координацијата на движењата.
- Спортската активност целосно ги ангажира младите лица со инвалидност и ја менува нивната емоционална состојба, тие забораваат на својата инвалидност, се појавува чувство на самостојност, самодоверба и истрајност. Желбата за победа во спортот развива колективност и другарство, а во исто време лицата со инвалидност се навикнуваат на пораз и на неуспех. Преку телесното вежбање и спортот тие стекнуваат доверба во своите можности, доаѓаат до сознание дека не е доволно да се има рака, нога, слух или вид, туку и волја да се постигне нешто. Спортот придонесува да се отворат кон надворешниот свет, во прва фаза во кругот на колегите, лицата со инвалидност, а подоцна и пред гледачите на натпреварите и широката јавност. Од друга страна, нивната видливост и инклузија во општеството придонесува да се промени сваќањето кај здравите луѓе дека „лицата со инвалидност се беспомошни суштества”. Денес спортистите со инвалидност можат да изведуваат извонредно тешки и комплицирани спортски активности и да постигнуваат резултати кои се мошне блиску до оние на спортистите без инвалидност, нагласува Јовановски.
Спорт за сите – потребна е промена на начинот на размислување
Спортот е потребен секому и затоа одлучивме со Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија, и во партнерство со Македонскиот параолимписки комитет, да го реализираме проектот „Change Your Mindset-Sport4Everyone“, финансиран од спортската програма на Еразмус+, чија цел беше инклузија на младите лица со инвалидитет на возраст од 15 до 29 години. На наше задоволство, во проектот се вклучија параолимписките комитети од Словенија, Србија, и Црна Гора, и пингпонгарските сојузи од Италија и од Австрија, а координацијата ја вршеше спортскиот сојуз на лица со инвалидност од Загреб, вели Јовановски.
- Човекот во својата генетска шифра има вродена потреба од движење. Денес научно е докажано дека редовна, правилно избрана и дозирана телесна активност со избалансирана исхрана и адекватен одмор, влијае на превенција и лечење на цела низа болести на денешницата. Некои од нив се срцев инфаркт, мозочен удар, претилост или прекумерно зголемување на тежина, со сите придружни проблеми, дијабетес тип 2, остеопороза, некои видови карцином итн.
Според проценката на Светската здравствена организација „седечкиот” начин на живот е меѓу 10 водечки светски причини за смрт, и со него се поврзуваат повеќе од два милиона смртни случаи во текот на една година, а за жал тој број рапидно ќе се зголемува. Затоа, телесната активност има многу позитивни влијанија на лицето со инвалидитет и секако општеството во целина. Вежбата, не само што го подобрува телесното и менталното здравје на младите лица со инвалидност и превентивно делува на намалување на ризикот од разни болести, туку и дава можност за социјална инклузија и интеграција на лицата со инвалидност во општеството. Преку телесната активност и спортот, младите лица со инвалидност може да го презентираат својот талент, да го надоградуваат и да се спротивстават на вообичаените стереотипи за болест и неспособност со кои е секојдневно се соочени, појаснува Јовановски.
Во Македонија нема доволно едуцирани тренери за спортисти со инвалидитет
Но, едно е теоријата, а друго праксата, бидејќи во Република Македонија има недостаток на посебни програми во основни и средни училишта за работа на часови по физичко образование со деца и младинци со инвалидност. Звучи необично и нелогично, но најчесто децата и младите со инвалидност ги ослободуваат од обврска да ги посетуваат часовите по физичко образование со што се прави повеќекратна штета, им се руши самодовербата, достоинството и можноста за активно учество во физичка активност како здрав начин на живот. Македонија е со недоволно едуцирани тренери за спроведување на тренажен процес со спортисти со инвалидност, а најголем дел од нив се плашат да работат со млади лица со инвалидност да не им нанесат дополнителна повреда, отворање на декубит, не ги познаваат специфичните правила за различен вид и степен на инвалидитет и друго незнаење.
- Настојуваме да ги промениме овие состојби и затоа во рамки на проектот набавивме едно говорно пикадо за слепи, три пинг понг маси, мрежи и рекети за пинг понг, два статички велосипеда, две ленти за пешачење, комплет мрежа и рекети за бадмингтон, еднорачни тегови, маса за бенч, комплет тегови 150 кг, мултифункционална справа за вежбање и една електронска мета за стрелаштво. Ние ги знаеме и другите проблеми кои се пречка за помасовно и непречено вклучување на младите лица со инвалидност во спортско-рекреативни активности. Пред се актуелната непристапност на спортските објекти и терени за тренажен процес, организација на натпревари, заради архитектонските бариери, недостаток на рампи и лифтови за премостување на висински бариери, адаптирани тоалети, туш кабини и соблекувални, обележани паркинг места пред објектите, како и места за седење и следење на натпревари во трибинскиот дел за лица со инвалидска количка. Проблем е недостигот на опрема и специфични спортски реквизити за спроведување на тренажен процес и учество на спортски натпревари, пример опрема за голбал, седечка одбојка, кошарка во колички, боќање, тркачки колички, столчиња за фрлачки дисциплини и друго, нагласува Јовановски.
Општините декларативни, наместо проактивни во решавањето на проблемите
Локалните самоуправи имаат вистинска можност својата декларативност да ја трансформираат во проактивност за решавање на проблемите на лицата со телесна инвалидност. Во Македонија освен пет специјални комбиња во Скопје и новите нископодни автобуси, во нити еден друг град не постои алтернативен јавен транспорт за лицата со потежок телесен инвалидитет. И понатаму недоволно се издвојуваат средства за организација на тренажен процес и учество на натпревари на сите нивоа од локално, преку регионално до државно ниво за лицата со инвалидност, а за жал има недостаток на финансиски средства за подготовки и учество на спортисти со инвалидност на меѓународни натпревари, вели Јовановски.
Според Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија, „Мобилност-Македонија“, за подобра инклузија на младите лица со инвалидност во телесна вежба и рекреативни спортски активности потребно е доследно почитување на законските одредби во сите области, особено нормативите за непречена пристапност и градење на опкружување еднакво за сите, ЗЕЛС да упати апел до општините да го следат примерот на градот Скопје, да определат пристапни училишни спортски сали, да ги опремат со потребни реквизити и специфични справи за непречено вежбање и тренирање на младите лица со инвалидност, а Факултетот за физичко образование, спорт и здравје да воведе дополнителна едукација за своите студенти за пристапот и методите во работа со различни видови и степени на инвалидност во одделни спортови.
- Потребно е и вклучување на разни профили на стручни лица тренери, психолози, педагози, специјални едукатори, лекари, физиотерапевти и нутриционисти во тимови кои ќе работат на вклучување на младите лица со инвалидност во физичка вежба и спорт, потребно е Агенцијата за млади и спорт да продолжи со финансиската поддршка на програмите за аматерски и врвен спорт на спортисти со инвалидност, и исто така потребно е институциите да поддржат и иницираат кампањи, јавни настапи и трибини за подигање на свеста за потребите на лицата со инвалидност од телесна активност и нивна социјална инклузија во општеството преку физичката вежба и спортот, нагласува Јовановски, и додава со цел да се предизвика поголемо внимание на јавноста лобираат преку медиумите, лобираат заедно со јавни личности, често одржуваат јавни дебати, стручни форуми и работилници, а неодамна во Битола на Широк Сокак се одржа дефиле на лицата со телесен инвалидитет.
Младите лица со инвалидност сакаат да спортуваат и да победуваат. Тие знаат дека македонската јавност може повторно да се радува на освоените медали како што тоа беше со Вангел Жабев кој освои две бронзени медали во пливање на Параолимписките игри во Арнхем 1980 година, незаборавни се сребрениот медал на Ванчо Каранфилов во стрелаштво со воздушен пиштол од Атина 2004 година и златниот медал со нов светски рекорд на Оливера Наковска Бикова во дисциплината воздушен пиштол освоен на Параолимписките игри во Лондон 2012 година, и секако златниот медал зачинет со олимписки и светски рекорд во дисциплината воздушен пиштол кој го освои нашиот соговорник, Бранимир Јовановски на Параолимписките игри во Барцелона во1992 година.
Марјан Танушевски