Стапувањето во сила на новиот режим за ограничен сообраќај во Стариот дел на Охрид наиде на поделени мислења кај граѓаните, од целосна резигнација и отпор, до одобрувања кај оние што немаат возила или истите ги користат само за најитни потреби.

Рампите што беа поставени на влезот во Стариот дел на градот кај Горна Порта и кај главната пошта ги пропуштаа само оние возила за кои сопствениците навремено си извадија електрински картички, за кои им беа потврди за сопственост на возило и документи со адреса на живеење во тој дел на градот.

Проблемот настана кога некои од возилата што веќе беа во тој дел од градот не можеа да излезат од реонот, што создаде метеж на пунктот кај Горна Порта, каде во текот на ноќта таа беше и физички отстранета од непознати сторители.

Од Секторот за сообраќај при Општина Охрид денеска се огласија во врска со предвиденото ограничување на движењето моторини возила низ Стариот дел, со појаснување дека системот ќе се одржува тековно односно сите нелогичности или евентуални недоследности ќе се отстрануваат при нивно појавување, а во периодот до негова целосна оперативност на рампите ќе има и присуство на физички лица кои ќе асистираат во нормалното одвивање на сообраќајот, како и полициско присуство заради заштита на опремата од вандализам.

Зоран Шикалески, раководител на Секторот за сообраќај при Општина Охрид, во врска со реализацијата на проектот истакна дека локалната самоуправа неколку месеци претходно остварила серија средби со граѓани, сопственици на приватни сместувачки капацитети и угостители од тој дел на градот, со цел минимизирање на несакани појави при стапувањето на новиот сообраќаен режим во сила.

- Извршените микросимулации на теренот покажаа дека интензитетот на сообраќајот во тој дел на градот е осум до десет пати поголем од некој нормален интензитет, имајќи ја предвид постојната инфраструкура и тесните улици кои најчесто немаат тротоар. Непречениот пристап на пешаците, како на граѓаните така и на туристите, мора да биде обезбеден преку регулирање на сообраќајот. Притоа треба да се имаат предвид општите интереси на градот, а не индивидуалните желби, рече Шикалески, додавајќи дека интенција е осовременување и подобрување на сообраќајниот режим во тој дел на градот.

Тој појасни дека досега се поделени околу 800 картички за влез на сопственици на возила на жители или на лица кои имаат имот во Стариот дел на Охрид, од кои дел се доделени на компании што вршат достава на стоки, угостители, станоиздавачи и на службите за итна медицинска помош, за противпожарната служба и полицијата.

Што се однесува на случаите на метеж пред рампата кај Горна Порта, Шикалески истакна дека и пред поставувањето на рампите димензиите на портата наметнуваа сообраќајот да се одвива отежнато со наизменично пропуштање возила во двете насоки.

- Проблемот е настанат веројатно во моментот кога возила од Стариот дел на градот без картички, не можејќи да излезат предизвикаа блокирање на двонасочниот сообраќај на возилата. Она што останува е да апелираме до граѓаните да се придржуваат до правилата и прописите, секако и развивање на хуманите односи во сообраќајот, рече тој.

Од Локалната самоуправа нагласуваат дека ќе се преземат дополнителни активности за уредување на сообраќајот во тој дел на градот, со заеднички ангажман на надлежните служби секако во соработка со граѓаните.

- Проектот се реализира врз основа на извршени неколкумесечни снимања на сообраќајот во тој дел на градот. Не се работи за набрзина изготвено решение, оттаму што 12 години наназад сообраќајот во тој дел на градот беше целосно забранет од 20 до 5 часот, само што немаше рампа. Ова е слично решение воведено со цел да се воспостави современ систем за контрола и ограничување на сообраќајот, нагласи Шикалески.

Уште беше појаснето дека Локалната самоуправа е на став дека од општи интерес на градот е режимот на ограничен сообраќај и редуцирање на бројот возилата во Стариот дел на градот треба да биде на сила и надвор од сезоната, односно во текот на целата година.

Конечното решение на уредувањето на одвивањето на сообраќајот во тој дел на градот секако ќе бара дополнителни напори и негово доработување, односно техничко усовршување на системот бидејќи има улици во Стариот дел на градот преку кои може да се пристапи со возила во тој дел на Охрид, а не се ограничени со физички бариери, односно рампи.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2018 23:47