Непријатната миризба која веќе подолго време се шири низ Гевгелија во вечерните и раните утрински часови, предизвика големо незадоволство кај револтираните граѓани кои бараат од надлежните органи под итно да се најде и санкционира нивниот причинител.
Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков денеска изјави дека ја оправдува реакцијата на граѓаните кои бараат да се открие причинителот на оваа појава поради која тие се спречени да рекреираат во вечерните часови и да седат по дворовите.
- Јас како градоначалник се чувствувам повикан да обезбедам пристојни улови за живеење на сите граѓани на Гевгелија, меѓутоа до сега дискутабилна беше ситуацијата што три фирми се потенцираа како можни предизвикувачи на миризбата и сите три ја префрлаа топката еден на друг. Нашата законска обврска да го откриеме причинителот не натера да се договориме со овластена специјализирана куќа која има сертификат за дејноста, идната недела да се изврши мониторинг и мерење на можните причинители на непријатната миризба во Гевгелија, рече Поцков.
Одиме со ваква фирма, посочи Поцков, бидејќи како сертифициран субјект ќе стои зад откриените наоди од мониторингот и полесно ќе ги брани отколку тоа да го стори нашиот овластен инспектор за животна средина чии што наоди потенцијалниот причинител би можел да ги оспорува.
Сите три фирми, нагласи тој, имаат елаборати и интегрирани „Б“ дозволи за вршење на дејноста и доколку се открие причинителот општината ќе му даде определено време за отстранување на неправилностите.
- Доколку тоа не се стори ќе бидеме принудени да изречиме соодветни санкции не со интенција да казнуваме, туку да ги натераме фирмите при вршење на бизнисот да бидат општествено одговорни во интерес на граѓаните на Гевгелија, потенцира Поцков.