Нивото на водата во акумулациите од хидросистемот „Брегалница“ се одржува на стабилно ниво, со што целосно ќе се исполни планот за наводнување за оваа сезона.

Од водостопанската подружница “Брегалница“ информираат дека во моментот во браната Калиманци се акумулирани околу 90 милиони метри кубни вода, што е околу две третини од нејзиниот максимален капацитет.

Дождовите што паднаа деновиве придонеле за извесно покачување на водостојот во реките и за полнење на браните со поголем доток во споредба со изминатите години.

- Средниот доток во најголемата акумулација од хидросистемот е за околу 20 отсто повисок од вообичаениот и изнесува три метри кубни во секунда, а за потребите наводнување испорачуваме по околу 14 метри кубни во секунда. По десниот магистрален канал за кочанскиот, штипскиот и светиниколскиот регион се испуштаат по 10 метри кубни во секунда, а остатокот е по левиот канал и за одржување на еколошкиот минимум во реката Брегалница. Во браните Гратче и Мавровица имаме акумулирано по околу два милиони и 200 илјади метри кубни, што гарантира успешно завршување на наводнителна сезона во целиот регион, истакна Дени Митров, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.

Годинава од хидросистемот „Брегалница“ се наводнуваат околу 8.700 хектари земјоделско земјиште во Виничко, Кочанско, Штипско, Пробиштипско и Светиниколско. Најголеми количини вода се испорачуваат за површините со ориз што е засеан на околу 3.500 хектари.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 14:38