Со пораки за поддршка на иницијативата за згрижување на деца без родителска грижа во семејство и пригодна културно-уметничка програма, гостиварската локална самоуправа и официјално се вклучи во кампањата „На секое дете му треба семејство".

Во летниот амфитеатар беше преставена кампањата која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ.

- Општина Гостивар ќе биде отворена и секогаш ќе поддржува иницијативи во чиј фокус се децата. Ја подржуваме кампањата „На секое дете му треба семејство“ и ќе се залагаме тие деца да се социјализираат, да се дружат и да ги имаат сите услови, да го живеат животот исто како нивните врсници, изјави Аслиан Снопче од општина Гостивар.

Како важен аргумент за успешен развој на секое дете, социјалните работници го истакнаа позитивното влијание кое го има згрижувањето во функционално семејство.

- Само во семејна средина детото може да почувствува љубов, поддршка и припадност. Згрижувачките семејства обезбедуваат најдобра алтернативна грижа во случаи кога биолошкото семејство не е во можност да му ја пружи сета љубов и грижа кои му се потребни на детето, рече Билјана Ангелеска од Центарот за социјална работа во Гостивар.

Билјана Велковска, преставник на УНИЦЕФ, истака дека со оваа кампања сакаат да ги мотивираат граѓаните да станат згрижувачи со што се збогатува животот на детето и на семејството коу му пружа дом.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 15:56