Балканот има капацитет да стане силно економско подрачје, изјави денеска во Подгорица бугарскиот премиер Бојко Борисов на прес-конференција по средбата со неговиот црногорски колега Душко Марковиќ.

- Еден од начините да се постигне ова е делумно отплаќање на кредитите што меѓународните финансиски институции може да ги обезбедат за поврзување на Балканот, преку наплата на патарини и постоење еднаков надомест за користење на патиштата во регионот,, истакна претседателот на бугарската Влада.

- Со малку ризик и со голема волја постигнавме значајни резултати во евроинтеграцијата на Балканот. Верувам дека Црна Гора има големи шанси, рече Борисов.

Тој ја повика Подгорица да ги интензивира напорите за отворање на уште две поглавја во процесот на пристапување во Европската унија.

Борисов најави дека двете земји ќе формираат заедничка компанија за пренос на електрична енергија.

Бугарскиот премиер денеска имаше средба и со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.

- Историски втемелената соработка и пријателство на блиските народи продолжува и во овој период, како на билатерално ниво, така и преку партнерството во НАТО, со убедувавање дека во блиска иднина ќе продолжи и во рамките на ЕУ, истакна Ѓукановиќ.

Црногорскиот претседател на Борисов му врачи високо државно одликување - Орден на Црна Гора на лента и истакна дека квалитетот на односи меѓу двете држави значително е унапреден од црногорската обнова на независноста и силно потврден во последниот период, за време на бугарското претседавање со ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2018 17:29