Откако во хрватската јавност се отвори прашањето за враќањето на мигранти од земји-членки на ЕУ наводно со „тајни авионски летови“ и предупредувањата дека Хрватска станува своевиден „hot spot“, Дојче Веле (DW) пишува дека Германија има план да врати повеќе од 16.000 мигранти во Хрватска, согласно со Уредбата Даблин III.
Даблинската уредба предвидува дека за конкретно барање за азил е одговорна таа земја членка на Европската Унија каде што лицето за првпат влегло на територијата на ЕУ, односно каде што првпат било регистрирано.
Споменувајќи примери за одредени летови со мигранти кон Загреб, DW наведува дека овие летови не се тајни. На пример, кон средината на јуни бил организиран еден таков Даблин-лет е организиран за Штутгарт. „Тогаш беше официјално потврдено дека авионот бил целосно исполнет, а во Загреб, меѓу другите, била префрлена и една личност против која во Баварија била покрената истражна постапка поради сомнежи за екстремистичка активност. Тој странец директно од истражен затвор бил префрлен на аеродромот во Штутгарт и вратен во Република Хрватска“, пишува DW.
Во текстот се истакнува дека Германија има намера да го забрза протерувањето на лица кои немаат право на заштита. Додава дека во 2023 година, согласно Даблин III, Германија сакала да депортира 74.622 лица во други земји на ЕУ.
„Најмногу барања за преземање на баратели на азил Германците во минатата година испратиле до Хрватска (16.704) и Италија (15.749), но најчесто без успех. Иако некои други земји на ЕУ се согласиле да преземат околу 55.000 од овие „Даблин-случаи“, во текот на целата 2023 година од Германија биле депортирани само 5.053 лица“, потврдил Сојузниот завод за миграции и бегалци (БАМФ), пренесува DW.
Според DW, во првата половина на минатата година Германија испратила барања до други членки на ЕУ за прифаќање на околу 40.000 мигранти. Во 25.000 случаи, тие се согласиле да ги прифатат овие лица, но во практика, во првите два квартали на тековната година, биле депортирани само околу 3.500 лица.
Италија, на пример, генерално се противи на прифаќањето на лица депортирани од Германија. Рим очигледно нема намера да го смени овој став до стапувањето во сила на новиот Пакт на ЕУ за миграции и азил во 2026 година, чија цел е подобра заштита на често премногу пропустливите надворешни граници на Унијата.
„Хрватските власти очигледно се покооперативни од италијанските. За враќањето на азилантите во Хрватска, на пример, неколку пати разговарал баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман (ЦСУ) со својот хрватски колега Давор Божиновиќ (ХДЗ)“, се наведува, меѓу другото, во извештајот на DW.