Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини денеска изјави дека постојат реални шанси во наредните месеци да се постигне сеопфатен и правнообврзувачки договор за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово.
- Верувам дека постои реална шанса (Александар) Вучиќ и (Хашим) Тачи да постигнат договор за сите отворени прашања меѓу Белград и Приштина, сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализирање на односите меѓу двете страни, договор кој е целосно во согласност со меѓународното право, кој може да придонесе за стабилизирање на целиот регион, истакна Могерини во своето обраќање пред амбасадорите на ЕУ во Брисел.
Таа кажа дека ЕУ мора „да продолжи со работата на Балканот и со Балканот со решеност, истрајност и тврдоглавост“, додавајќи дека „минатата година била неверојатно интензивна“ и оти „следните месеци ќе бидат уште повеќе порешителни“.
- Дозволете ми да си играм со датумите, бидејќи следната година, 2019, се навршуваат 20 години од војната во Косово: Верувам дека е време конечно да се стави крај на ова судир. Значи, верувам дека мораме да сториме се што можеме заедно со нашите партнери во Европа, регионот и на меѓународна сцена, почнувајќи од Советот за безбедност на Обединети нации, за да ги поддржиме преговорите преку дијалог и во рамките на меѓународната заедница, посочи Могерини.