Министерката за труд и социјала на Грција, Ефи Ахциоглу денеска ја потпиша првата владина одлука за четири колективни договори во четири различни сектори, одлука која според грчкиот премиер го означува излезот за земјата од меморандумите.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Алексис Ципрас во писмена изјава наведе дека колективните договори се однесуваат на околу 75.000 вработени кои ќе добијат поголеми плати.
- Денеска ја имавме првата владина одлука што го означува излезот од меморандумите. Министерката за труд ги потпиша првите четири секторски колективни договори за работа што се однесуваат на околу 75.000 вработени, кои веднаш ќе го видат зголемувањето на нивните плати, се истакнува во писмената изјава на Ципрас.
Во изјавата се наведува и дека „битката ќе продолжи и е приоритет за постмеморандумската ера“.
Колективните договори се однесуваат на вработените во банкарскиот сектор, во бродски агенции и компании, во туристички агенции и во туристичкиот сектор.