Претседателството на Собранието на Косово синоќа на итна седница одлучи да закаже вонредна собраниска седница за утрово во 9:00 часот, на барање на премиерот Рамуш Харадинај, еден час пред претходно закажаната вонредна седница на барање на опозицијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот премиер побара пратениците да се изјаснат за неговиот предлог за составот на владина делегација за преговорите во Брисел за нормализација на односите со Србија, по што Претседателството на Собранието ја закажа утрешната седница.

Претходно, вчера, беше закажана и вонредна седница која треба да се одржи денеска со почеток во 10 часот, на барање на опозицијата за расправа за дијалогот со Белград, односно за, како што најавија предлагачите, да се донесе резолуција со која ќе се спречи претседателот на Косово Хашим Тачи да преговара со неговиот српски колега Александар Вучиќ за прекројување на границите на земјата и размена на територии со Србија.

Харадинај вчера формира владин тим кој ќе ги води преговорите за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, што треба да продолжат во Брисел на 7. септември. Шеф на тимот за преговори во Брисел ќе биде вицеприемиерот Фатмир Лимај, негов заменик е другиот вицепремиер Енвер Хоџај, додека членови на делегацијата се министерот за надворешни работи Беџет Пацоли, министерот за јавна администрација Махир Јагчилар, министерот за дијаспора Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите со Србија Авни Арифи.

Во составот на делегацијата што ќе преговара во Брисел Харадинај предлага да има и по еден претставник на опозициските партии на Албанците во Собранието, како и експерт од невладиниот сектор.

На прес-конференција по владината седница на која беше промовиран владиниот тим за преговори, кои, сепак, и натаму ќе ги води претседателот Тачи, косовскиот премиер порача дека, ниту овој тим, ниту било кој во Косово има мандат да разговара за територијалниот интегритет на државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 09:55