Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли информира дека вонредната собраниска седница, на која треба да се гласа за предлогот на премиерот Рамуш Харадинај за тимот на Владата, кој ќе учествува на преговорите со Србија во Брисел, ќе продолжи попладнево и изрази уверување дека пратениците ќе го изгласаат составот на преговарачкиот тим.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Пацоли пред новинарите во Собранието нагласи дека групата, која ќе ја води вицепремиерот Фатмир Лимај, нема надлежности да преговара за промена на границата или за размена на територии.
Пацоли рече дека шеф на косовскиот тим за преговари за постигнување конечно решение за споровите со Србија, сепак треба да биде претседателот на државата Хашим Тачи.
- Мислам дека Фатмир Лимај треба да ја предеводи оваа владина група. Доколку српската страна го има за шеф нејзиниот претседател, тогаш сигурно и наш шеф треба да биде нашиот претседател, изјави Пацоли.
Покрај Лимај и Пацоли, премиерот Харадинај за членови на владиниот тим кој ќе учествува на преговорите во Брисел ги предложи и вицепремиерот Енвер Хоџај, министерот за јавна администрација Махир Јагчилар, министерот за дијаспора Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите со Србија Авни Арифи. Во составот на делегацијата Харадинај предлага да има и по еден претставник на опозициските партии на Албанците во Собранието, како и експерт од невладиниот сектор.
Опозицијата ја бојкотира денешната вонредна седница, обвинувајќи ги Харадинај и Лимај и пратениците на партиите кои тие ги водат, дека со ова го минираа донесувањето резолуција во Собранието, што требаше да се усвои на денешната претходно свикана седница на барање на опозицијата, за спречување на Тачи да тргува со територијата на Косово.
Продолжувањето на собраниската седница е закажано за 16:30 часот.