Вонредната седница на косовското Собрание, на која треба да се гласа за предлогот на премиерот Рамуш Харадинај за владиниот тим кој ќе учествува на преговорите со Србија во Брисел, повторно е одложена и нејзиното продолжение е закажано за денска во 18:30 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата во изјави за новинарите ја потврдија неколку пратеници и членови на Владата кои учествуваат на оваа седница, меѓу кои и Ахмет Исуфи, пратеник на Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај, како и шефот на дипломатијата Беџет Пацоли.
Во медиумите се шпекулира дека новото одложување на седницата, која започна околу 9:30 часот утрово и по неколку прекини требаше да продолжи во 16:30, е поради потешкотиите на владејачката коалиција да ги обезбеди потребните гласови за именување на владиниот тим за преговори со Белград.
Харадинај за членови на тимот ги предложи вицепремиерите Фатмир Лимај, Беџет Пацоли и Енвер Хоџај, министерот за јавна администрација Махир Јагчилар, министерот за дијаспора Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите со Србија Авни Арифи. Во составот на делегацијата Харадинај предлага да има и по еден претставник на опозициските партии на Албанците во Собранието, како и експерт од невладиниот сектор.
Шеф на оваа владина група се предлага да биде Лимај, но водач на целата косовска делегација во преговорите за конечно решение на споровите со Србија ќе остане претседателот на државата Хашим Тачи.
Опозицијата ја бојкотира денешната вонредна седница, обвинувајќи ги Харадинај и Лимај и пратениците на партиите кои тие ги водат, дека со ова го минираа донесувањето резолуција во Собранието, што требаше да се усвои на денешната претходно свикана седница на барање на опозицијата, за спречување на Тачи да тргува со територијата на Косово.