Германската полиција донираше 10 автомобили во вредност од 127 илјади евра за албанската гранична полиција, наменети за службата за набљудување на границата.
На предавањето на донацијата германската абмасадорска во Албанија, Сузане Шутц, соработка меѓу полициите на двете земји ја оцени како одлична и вети дека во иднина германската Влада и полиција ќе продолжат со техничка помош и логистика.
- Сојузната влада дава многу важен придонес во зајакнувањето на заштитата на границите преку албанската гранична полиција, истовремено зголемувајќи ја безбедноста на границите на Европа. Преку честите посети на граничните полициски станици, но и на т.н.зелен појас, посебно со Грција, добивме многу добра слика за ситуацијата на албанската граница, но во исто време ја увидовме потребата од подобра техничка база во функција на реализација на активноста со толку голема одговорност, која исто така е во германски и европски интерес, изјави амбасадорката.
Таа додаде дека нејзината земја ќе продолжи и во иднина со материјална поддршка на албанската погранична полиција.
Генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу се заблагодари за големата професионална, логистичка и техничка поддршка што во континуитет ја дава германската влада, што придонесува за зајакнување на капацитетите на граничната полиција.
- Имаме голема помош и поддршка од германската Влада во последните години а соработката, посебно со полицијата, може да ја оценам како одлична. Денеска добиваме донација од 10 возила во вредност од 127 илјади евра, претходно добивме пет возила во вредност од 80 илјади евра. Заедно успешно сме реализирале многу акции меѓу кои и последната „Дрино 2018“, рече Велиу.
Тој посочи дека заедно максимално се ангажирани за поголема безбедност и реализација на зацртаните цели во борбата против нелегалните дејствија.
Инаку, во акцијата „Дрино 2018“, која кај албанскиот град Ѓирокастро, на граничниот појас со Грција, се одржа во средината на јули заедно со припадниците на граничните полиции од повеќе земји, беа и полицајци од Македонија. Тие заедно патролираа на албанско-грчката граница, при што успеаа да спречат влез на повеќе групи илегални мигранти.