Манифестација „Млади Европејци-Европа на Балканот” се одржа вечерва во Градскиот музеј во Крива Паланка, во организација на Европската филмска, театарска и танцова академија.

На настанот беше промовирана преобјавената книга со мисли и цитати од Жан Моне, „Европа-нашето заеднички дом”, презентирана е изложбата „Европа овде-Европа таму”, а беше претставен и краткиот филм „Мојот Европски идентитет”.

-Идејата и концептот на овој тригодишен проект е да се даде до знаење на која страна сме, да оставиме траги на патот до големото Европско семејство, оти за жал, денес се чини, најголеми поборници на Европската идеја се помалите народи. „Европа е наш заеднички дом“ е изрека на Моне, која носи силна порака.Книгата е преобјавена и е со предговор на францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние. Изложбата е дело на студентите од ЕФТА, ЕСРА универзитетот во Париз и Волфганг универзитетот во Есен, Германија, кои како резултат на повеќегодишната соработка преку размена прават рефлексија на нивната претстава за европски идентитет, изјави Гоце Ристовски од ЕФТА.

Според градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, сега се шансите да се фати тој европски воз.

На манифестацијата настапи и градскиот оркестар „Алегро” под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски.

Со вечерашниот настан во Крива Паланка почна декемвриската сесија на проектот. Веќе утре ќе се реализираат вакви настани во Домот на млади во Штип и во Центарот за култура „Бели мугри” во Кочани, додека на 19 декември ќе се одржи завршната манифестација во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 00:24