Ѕвездата на гол линијата на Манчестер Јунајтед, Давид Де Хеа изјави дека серијата од 8 последователни победи под водство на менаџерот Оле Гунар Солскјер би биле без значење, ако клубот на крајот на сезоната не успее да се избори за пласман во топ 4.
„Црвените ѓаволи“ доживуваат вистинска ренесанса откако Солскјер го замени Жозе Мурињо како тренер на тимот. Со скандинавецот на чело, гигантот од Манчестер запишува победа по победа и се уште не е доживеал пораз, што дефинитивно го промени расположението во соблекувалната.
Утре, „црвените ѓаволи“ играат дома против Барнли во Премиер лигата, а самодовербата ќе биде на ниво по отстранувањето на Арсенал со 3:1 во 4-тото коло на ФА Купот.
– Очигледно, нашата серија на резултати е одлична, но во моментов ние сме надвор од места кои носат пласман во Лигата на шампионите. Ние сме, исто така, многу далеку од освојувањето на Премиер Лигата на Англија. Ние сме воодушевени од победите, но сé уште не сме задоволни од целокупната ситуацијата. Јунајтед е клуб кој треба да се бори за титулата, но нашата доверба расте. Од тука до крајот на сезоната, ние ќе се обидеме да го земеме максимумот – да победиме во секој меч, да напредуваме во ЛШ и да се справиме добро, изјави Де Хеа.
Тој го потврди општото мислење дека за тимот е невозможно е да стане шампион оваа сезона и дека целта е пласман во топ 4 за кој ќе се борат до самиот крај на првенството.
– Тоа го сакавме пред почетокот, бидејќи Јунајтед е клуб кој треба да освојува трофеи. Сега сакаме да се вратиме во топ 4, што ќе биде тешка задача. Сепак, успеавме да го намалиме заостатокот. Ќе се бориме до самиот крај и ако ја задржиме формата која демонстрираме сега, ќе освоиме уште средби, додаде голманот на шпанската репрезентација.
На 18 декември, кога клубот се раздели со Жозе Мурињо, Јунајтед беше 11 поени од четвртиот Челзи. Тимот сега е само на 3 бода зад „сините“ од Лондон, кои се уште се 4-ти во пласманот.