Во кино „Култура“ вечер од 20 часот ќе биде прикажан филмот „The Way of Clave“ во организација на Фестивалот на документарен креативен филм „МакеДокс“. Филмот ја прикажува осуммесечната културна размена помеѓу филмски творци од МакеДокс, ромски музичари и главните танчари од „Dallas Black Dance Theatre“.

Документарниот филм ја следи нивната креативност и интеракции во двете земји, додека тие учат за афроамериканската историја и танц, како и македонското и ромското наследство и музика. Проекцијата е бесплатна за посетителите и ќе биде симултана со проекцијата во Далас и проследена со синхронизирани прашања и одговори со учесниците од МакеДокс и ДБДТ на платно.

-Танчарите и музичарите го сочуваа и интерпретираа ова наследство преку изведби на специфични локации во двете земји. Филмските творци ја снимаа и следеа нивната креативност и интеракции во двете земји, кои резултираа со среднометражен креативен документарен филм: „The Way of Clave“. Танчари и музичари од различни страни на светот, се сплотуваат преку универзалниот ритам – клаве. Приказната е раскажана преку ликот на Техамана, која преку оваа шанса го бара патот назад до она што била нејзината суштина – музиката, соопшти „МакеДокс“.

Партнерскиот проект меѓу МакеДокс и „Dallas Black Dance Theatre“ – „Ширење видици“ е создаден со цел афроамериканските танцувачи и македонските филмски творци да го истражуваат и зачуваат афроамериканското и ромското културно наследство преку продуцирање креативен документарен филм за танц. Филмот ќе ги открие културолошките сличности, ставајќи акцент на искуствата на етничките малцинства во општеството.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2019 08:48