Традиционално четврти пат на градскиот плоштад „Цар Самоил“ во Ресен, пред таверната „Џез“ се одржуваат „Ресенските џез вечери“. Настанот е во организација на Домот на културата „Драги Тозија“, а присутните синоќа ги забавуваше групата „Инстинкт“.
Присуството на голем број повратници во Ресен во летните месеци, според директорот на Домот Васко Василевски, ја зголеми и потребата од поголем број културни настани, а со тоа и продолжување на традицијата.
– Годинава, малку порано ги одржуваме џез вечерите, за разлика од минатата година, кога се случија во август и ги имаме во два викенда. Џез вечерите ги започнавме уште минатиот петок, со настапот на групата „Кабадајас“, а овој викенд ќе има уште два настапи на музички групи. Синоќа пред ресенчани настапи групата „Инстинкт“, а вечерва, со настапот на Сашо Поповски трио, ги заокружуваме „Ресенските џез вечери“, изјави Василевски.
Домот на културата „Драги Тозија“, како носител на културните настани во Ресен и Преспа, особено во летните месеци нуди разноврсна програмска понуда за сите вкусови и возрасти.