Германската издавачка куќа „Параситенпресе“ ја објави поетската збирка „Црно на бело“ од Лидија Димковска во препев на германски јазик на Александер Зицмен.
За книгата издавачот ќе напише: „Заминувањето во нејзините песни најчесто се раѓа од неопходност и војна. Уништувањето сè уште се чувствува насекаде, во урнатините на куќите и во луѓето. Човековите права се погодни за бришење прашина. Дури и ако патувањата водат во Берлин, Лисабон или Њујорк, секогаш потеклото односно Балканот, останува присутен во стиховите. А сепак, постои еден ѕид кој дели, како во њујоршко такси или „автоматска врата на возот“ што ве одвојува од оние кои ве отсекле од животот.“
Германското издание на „Црно на бело“ ќе ја има својата прва промоција на „Европскиот литературен фестивал“ на почетокот на септември во Келн на кој Димковска ќе учествува заедно со автори од Германија, Швајцарија, Норвешка, Полска, Грција, Летонија и др.
Песната „Мојот гроб“ од „Црно на бело“ на германски беше избрана и за антологијата на европската млада лирика „Гранд тур“ која пред кусо време излезе во издание на германската издавачка куќа „Хансер“.