Во рамки на „Скопско лето“ денеска од 16 часот во ТЦ Скопје сити мол ќе биде отворена фотографска изложба „Скокаме заедно“ во соработка со Амбасадата на Израел и здружението „Акта нон верба“.
Оваа изложба произлегува од социјален проект и, како што наведува фестивалот, претставува скок против природата, скок до заемно разбирање, до коегзистенција и скок за подобар свет. Скоковите се фотографирани од Шломи Амсалем, Јордан Полвој, Шломо Гелбер. Амир Ешел, Еран Гил и Јехезкел Еткин.
– „Скокаме заедно“ е нова изложба на фотографии која раскажува неконвенцијална приказна. Дипломат од Министерство за надворешни работи, амбасадор кој носи костум и вратоврска, ултраортодоксен Евреин кој е израелски првак во капуера, група арапски капуератисти од север, ултраортодоксна младина од Бнеи Брак, група од хадистички Евреи од Ерусалим и група млади луѓе со посебни потреби. Сите овие се собираат заедно за сесии на скокање и необични вежби во дворот на црквата во Абу Гош, во стариот град на Ерусалим, во пејзажите на Израел, соопшти „Скопско лето“ во најавата на изложбата.