Министерот за култура Хусни Исмаили го посети археолошкиот локалитет „Градиште” – Девол град, кој се наоѓа на околу 2,5 км западно од селото Дреново, во близина на Кавадарци.

За време на посетата министерот Исмаили се запозна со текот на истражувањата на локалитетот каде на површина од преку 10 хектари се наоѓаат остатоци од значајна пајонска населба односно градот Еударист, од кој се сочувани одбранбените бедеми, големи подѕидини од внатрешните тераси за живеење како и обработени мермерни блокови, соопшти денеска Министерството за култура.

Раководителот на истражувањата Миле Велчовски пред министерот Исмаили го презентираше и богатиот движен материјал откриен од страна на стручните екипи од Националниот конзерваторски центар, како монети од различни временски периоди, фрагменти од садова и градежна керамика, разни калапи за производство, печки и друг материјал кој укажува на временски распон од архајскиот до хеленистичкиот период. Инаку за време на археолошки истражувања кои се поделени во три сектори, во рамките на третиот се сектор откриени се и архитектонски елементи од храм, како и улица направена од обликувани камени плочи.

Годинашните заштитни археолошки ископувања ги спроведува Националниот конзерваторски центар со финансиска поддршка на Јавното претпријатие за државни патишта – Скопје, се вели во соопштението од Министертсвото за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2019 13:50