Во идилична атмосфера на ресторанот „Виа Игнација“ во неповторливото Вевчани 35 уметници од сите страни на светот, поделени во две групи, две недели, на свој, креативен начин со четка го пренесуваа она што го гледаат околу себе. Инспирирани од убавините на прекрасното Вевчани, познатата вевчанска архитектура, природата, изворите…, секој на свој автентичен начин го пренесува на хартија или на платно она што го гледа пред себе. Некои, пак, инспирацијата ја црпат длабоко од себе, нешто што подолго време тлеело во нив и сега излегло на површина.

Во знакот на децениското постоење на колонијата, Ефимија Угриноска, организаторка на манифестацијата, заклучи дека и годинава Вевчани и ресторанот „Виа Игнација“ две недели пулсирале во знакот на уметноста. Во изминатите 10 години посочи дека на оваа реномирана културно-уметничка манифестација учествувале над 150 еминентни ликовни уметници од земјава и странство.

Како и секоја година ќе организираме неколку изложби со дела од колонијата низ културните центри во Македонија и една изложба во странство. Репрезентативни слики од изминативе десет години ќе бидат дел од платинум-колекцијата на дела што ќе биде изложувана наредната година, информира Угриноска.

При нашата посета на Вевчани, меѓу десетината уметници кои неуморно твореа на јубилејната 10-та ликовна колонија „Вевчански видувања“ го сретнавме академскиот сликар Васко Ташковски. Вторпат е на колонијата. Учествувал и пред четири години. За Вевчани вели дека го врзува природата, која е слична со неговото родно Нижеполе. Тука наоѓа мир да го пренесе на хартија она што го чуствува во себе.

Самата природа ме врзува на некој начин за Вевчани. Тука нема граници. Вевчани е многу блиску до моето родно село, иако во Скопје живеам со години. Сега го сликам тоа што го гледам во мене. Не она што го гледам пред мене. Тоа се собирало со години, се акумулирало во мене и сега излегува, посочи Ташковски.

Осумдесет и двегодишниот сликар, со 60 години творештво зад себе, со љубов говори за делата што ги насликал, нивното значење. Најголема инспирација во неговото творештво се Охрид, Охридското Езеро и сите убавини околу него, морето, водата, а дел од мотивите се и човештвото, односно лошата страна на луѓето. Опфатени се и други циклуси, како коњите, годишните времиња, зодијачките знаци…

Уметноста, порача Ташковски, е еден пат што ако си го избрал во животот треба да го изодиш докрај, да не се откажуваш. Да бидеш упорен во тоа што го размислуваш и сакаш и резултатите ќе си дојдат на крај.

Досега има насликано над 5 000 дела, од кои околу 3 500 акварели, 900 слики масло на платно и 1 000 цртежи, а има изработено 12 – 13 илјади скици. Целото творештво го собрал во четири монографии, што вели дека се направени за идните генерации, а не само за сегашноста и за авторот.

За своите дела вели дека сите имаат некое значење, некои се повеќе, а некои помалку значајни. Но сите имаат свое место.

Охрид и неговите убавини најголема инсирација

Во сликите на Ташковски преовладува Охрид. Секоја со своја приказна ги прикажува убавините на градот, Охридското Езеро, Чинарот, бисерите, црквите, пастрмката, плажите… и сè она што е значајно за градот. Прикажано на свој специфичен начин, онака како што уметникот ги гледа и ги доживува низ својата фантазија.

Инспирацијата не доаѓа, се бара. Прво правам скици, истражувам, а после од тие скици барам со која имам дијалог, која можам да ја видам како слика со бои и почнувам да ја сликам. Омилен да го сликам ми е Охрид. Имав идеја да направам слика да ги сместам сите елементи од Охрид: охридската архитектура, црквите, езрото, крајбрежјето, пастрмката, чуновите… Не можеше сите да ги ставам во една слика. Направив десетина скици од кои скоро сите беа успешни и на крај ги нацртав на платно. Заклучив дека Охрид може да се наслика само во циклуси, на повеќе слики, толку богатство не може да собере една слика, рече Ташковски.

Сите слики имаат различно значење

Сите слики имаат свое значење. Посебна важност може да ѝ придаде ако е наградена или продадена, но има и од оние со интимно значење што се дел од неговата колекција.

– Тие ми се поблиски, но не се публикувани. Немаат кариера – нагласува авторот.

Меѓу позначајните и една од најстарите слики ја издвои „Јавачи на апокалипсата“ изложена во 1971 година во Белград, а откупена од тамошната галерија и по две години изложена со Југословенска воена уметност во Лондон.

– Таму беше забележана од автор кој правеше книга за фантастично сликарство и таа слика е застапена во книгата „Фантастично сликарство“ од Јерониј Бордо Салвадор Дали во која се застапени 100 ремек-дела од светски уметници. Таа слика ми е најпозната. После публикувана и во друга книга во Америка – „Вие за пеколот и рајот“ – раскажува академик Ташковски.

Своја приказна има и сликата „Геноцид“, која е во Музејот на Македонија, „Оружје на смртта“ е добитник на прва награда на изложба во Белград, „Човек за човекот“ ја покажува човековата реалност, односно дека човек на човека му е волк.

Сликата „Пријател на мирот“, која во 2000 година претседателот Борис Трајковски ја подарил во Обединетите нации и е поставена на пред влезот од кабинетот на Бан Ки Мун, има големо значаење за авторот.

Во својата збирка ја задржал „Југолсовенска метаморфоза“, која претставува пејзаж што постепено се закрвавува и доаѓа до војна. Самиот пејзаж се метаморфозира, камењата стануваат ѕверови. На 70-годишна возраст за себе си ја направил „Создателот“, кога на платно го прикажал целото свое творештво.

Почетоците во уметноста од училишните денови

Додека разговаравме, академик Ташковски се присети на своите почетоци. Тој зад себе има 60 години творештво, а пред две години славеше јубилеј 50 години од првата изложба. Почетоците во уметноста датираат од училишните денови. Слика од свои 15 години. Во разговорот ни откри една анегдота од ученичките денови во Битола при неговиот прв контакт со водени бои.

Првпат видов водени бои во таблетки во книжарница. На светилката во книжарницата не се гледаа убаво боите и правев плукни на бојата стави на хартивче и ќе видиш која е бојата. Мислев дека се раствораат со плукање. Кога ни даде учителот да цртаме некоја шара, а дома да ја избоиме, јас со плуканици, плукај, плукај, сè испадна размачкано. Кај другите деца беа чисти боички. Ме прашуваат дали акварелот е најтешка техника, велам, ако не научиш дека со вода се раствораат боите, тешко е, низ смеа раскажува Ташковски.

Кога дошол периодот да се определи за средно училиште, тој не знаел дека постои уметничко, па по долго размислување што да запише се одлучил за техничко образование во Скопје, но за кратко го напуштил и се запишал во уметничко.

Во неговите дела најмногу се застапени акварелот и маслото, но не изостанува ниту графиката.

– Секоја техника има свое значење. Акварелот е поинтимна техника, а во маслото се помонументални нешта – може да преправаш, да размислуваш. И цртежот има свој развој. Во моето творештво имам и повеќе дисциплини со графики: линорез, дрворез, ситопечат… – истакнува академик Ташковски.

Тој вели дека најдобро се изразува со масло на платно.

– Тука може да се коригира, да се поправа и преправа, како и големината. Со акварелот не можеш да коригираш, а и врзан си со простор, големината на хартијата – подвлекува сликарот.

Колониите се оази на запознавање и дружење на уметниците

Академик Ташковски учествувал на над 40 колонии и има различни искуства и впечатоци.

– Колониите се оази каде што се состануваат уметниците да се дружат, да разменуваат искуства, да примаат впечатоци од атмосферата… Со себе понесуваат впечатоци и фотографии во своите места. Со тоа го популаризираат местото каде што се одржала колонијата во други места. Пријателствата од тие дружби остануваат – нагласи Ташковски.

Според него, случајните пријателства се потрајни отколку со некој што често се гледаш. И тука не изостави да сподели случка од неговото искуство и пријатлеството со колега од Украина, но и други земји.

На колониите посочи дека слика акварели, бидејќи се со ограничено време, а неговото сликарство е специфично и бара повеќе време да се направи една слика.

– Акварелот полесно се слика. Техниката е лесна бидејќи се работи со водени боици и четка на хартија, но резултатот е тежок. Треба да имаш искуство, да бидеш сигурен дека ќе ја направиш сликата. Технички е лесно, а изведувачки тешко – појаснува уметникот.

За значењето на наградите и признанијата

Во колекцијата на академикот има дваесетина награди и признанија, од кои седум или осум му се посебно драги. Добиени од релевантни комисии на високо ниво.

– Некои награди се добиени по инерција, ако сум добил сојузна награда и ете ти дале републичка, но тука не ја гледам тежината. Наградата секогаш е добра ако е навремено дадена може стимулативно да дејствува на авторот, ако е подоцна дадена значи не си заборавен – вели Ташковски, забележувајќи дека, освен квалитетот, во одлуките за наградите преовладуваат други влијанија.

Како најдрага награда ја издвои за делото „Оружје на смртта“, бидејќи била доделена од жири составено од 17 претседатели на уметнички совети на цела Југославија.

– Еден од членовите на жири-комисијата искоментира дека „Оружје на смртта“ е убедливо најдобра за прва награда и дека долго никој нема да наслика таква убедлива слика – се присети Ташковски.

На јубилејната 10-та колонија во вевчанската природа твореа академик Васил Ташкоски, Коле Манев, Доне Милјановски, Петар Попчев, Владимир Симеонов, Ставре Димитров-Стадим, Павле Кузмановски, Станко Ѓоргиев, како и уметници од Русија, Србија, Хрватска, Бугарија, Франција, Грција и од Полска.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2019 11:13