Со дефиле на фолклорни групи и друштва од државата и светот на Широк Сокак и со орото „Комитско“ кое се одигра на отворена сцена во поранешното ракометно игралиште, вечерва во Битола почна 49. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

-За време на фестивалските денови преку своите песни и игри да ја пренесете универзалната порака на прифаќање и почитување на различностите. Вие сте вистински амбасадори на културата, им порача Мисовски на учесниците на Фестивалот.

На петте фестивалски вечери ќе настапат играорци од три континенти кои ќе ги презентираат националната традиција, фолклорни богатства и култури.

Според програмата, вечерва ќе настапат КУД „Илинден“-Битола, ансамбл „Македонија“-Скопје, културно уметничките друштва „Ристо Донев учителот“-Штип, „Русалии“ од Секирник, „Јане Сандански“ од Неготино, „Китка“-Истибање и „Ибе Паликуќа“ од Скопје, а од странство на фестивалската сцена ќе се претстават гостите од Белгија, Индија, Израел и Мексико.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2019 11:07