Книгата „Стихови и спомени” од поетесата Трајанка Ристова беше промовирана денеска во Кавадарци.

Кога се творат уметнички стихови, рече промоторот Влатко Тасев, инспирацијата се концентрира во една силна идеја која понатаму го води поетот во процесот на поетското творење. Кај авторката Трајанка Ристова, додаде, таа идеја водителка се трансформира во поим кој се провлекува низ целата содржина од нејзината книга.

– „На почетокот беше зборот“ се кажува во Големата книга, Библијата. Се почнува од збор и токму затоа и ова дело на писателката почнува со еден моќен збор кој понатаму ги поврзува сите нејзини душевни изливи. Жица е тој збор кој ја води авторката во нејзиниот избран правец и се чини дека ја постигнала поентата на својот труд. Ја претставува жицата како врска и потпора за се во животот на човекот. Метафорично ја споредува жицата која е дел од конструкцијата на виновата лоза, што претставува обележје на нашиот тиквешки регион, како потпора за коренот, пењушката, младите ластари и плодот како финален продукт од животниот процес, нагласи професорот по македонски јазик во земјоделско шумарското училиште, Тасев.

Поентата е, посочи, дека без таа комуникациска врска, без жица создадена од метал, памук, свила или од духовна преѓа, светот би бил бесмислен, бизарен, со еден збор “гол”. Коренот и фиданката се во вечна врска исто како новородениот човек со своите предци.

– Љубовта во сите нејзини облици е незаобиколен дел од нејзината поезија, а особено е насочена кон невината и детска душа која безусловно и искрено дарува и прима љубов. Родољубивиот момент е силно засегнат. „Нејзината страна од светот“, која е всушност и наша, ни ја посочува како најсветла страна, каде што ветрот најтивко дува и сонцето топло грее. Родната Тиквешија е нејзина родна грутка со вековна традиција и место каде „грозјето најубаво зрее“ и каде што „песна за црвеното вино се пее“. Загледана во космичката бескрајност ги опејува небеските тела и ја следи трансформација на ноќната темнина, осветлена од звездите и Месечината во прекрасна сончева светлина која ќе се појави в зори кога „новиот ден ќе се роди, истакна Тасев.

Историските личности и настани, посочи, исто така нашле место во страниците, како и општествено – социјалните.

– Вториот дел од книгата ни открива неколку патописни и други текстови кои ни го откриваат космополитскиот карактер на авторката. Тоа ни дава уште еден доказ дека луѓето во основа се добри и срдечни без оглед на разликите во раса, националност или вера. Крајната порака на овој труд е да се оди напред и да се постигне целта бидејќи „целта на одењето е пред тебе“, додаде Тасев.

Освен книгата „Стихови и спомени” беше промовирано и „Букварчето на Таца”, наменето за децата за тие полесно да ги научат буквите.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2019 14:15