Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е подготвен за премиерна изведба на претставата „Август во округот Осејџ“ од Трејси Летс, во режија на Драгана Милошевска-Попова.
Режисерката Милошевска-Попова на прес-конференција во Битола истакна дека пиесата на американскиот писател Летс се подготвувала два месеца, бидејќи станува збор за богата приказна која била филмувана, а сега се поставува на театарска сцена со обид да го избегнеме влијанието на филмот.
– Втор пат соработувам со актери од битолскиот театар, работевме на секој лик во претставата за да направиме интересна приказна. Оваа претстава е посветена на едно дискфункционално семејство, семејство кое се распаѓа и за тоа какво влијание имаат општествените прилики врз семејството, рече меѓу другото Милошевска-Попова.
Претставата „Август во округот Осејџ“, како што појасни драматургот Билјана Крајчевска, е црна комедија, приказна за луѓе кои под маската на семејниот живот, делумно од страв или паника мораат да се уништат.
– Оваа претстава треба секој да ја види, бидејќи станува збор за црна комедија полна со сарказам. Таа е забавна, но исто толку тажна затоа што јасно прикажува колку многу перверзен може да биде човекот по природа и колку е тешко, ако не и невозможно, да се промени таа вгнездена навика за самоуништување во неговата природа доколку се обиде да се ослободи од минатото, посочи Крајчевска.
Во премиерата закажана за утревечер на матичната сцена на Битолскиот театар, главните улоги ги толкуваат актерите Елена Моше, Јулијана Мирчевска и Борис Чоревски.