Штипско културно лето (ШКЛ) завршува вечерва со концерт на етно групата „Вез“, а предводена од Илија Ќосевски. Концертот ќе се одржи во Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ со почеток во 20.30 часот. Кирил Панајотов советник за јавни дејности во Општина Штип вели дека изминатиот месец во рамките на ШКЛ наместо планирани 25 се одржаа вкупно 30 содржини.

-Манифестацијата Штипско културно лето оваа година завршува успешно, а посетеноста на содржините беше повеќе од очекуваното. Почнавме со операта „Боеми“ од Џакомо Пучини, изведена од оперски ансамбл од хрватскиот град Осијек, имавме и меѓународни гостувања, потоа театарски претстави, изложби на стари фотографии од 19 и 20 век од Штип, рок концерти,а најголемиот товар го имаше Домот на млади, вели Панајотов.

Тој истакна дека во рамките на манифестацијата покрената е иницијатива во чест на штипјанецот Александар Грличков за подостојно одбележување на неговото дело. Иницијативата е именување на улица, а на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ да му се предложи Економскиот факултет да го носи неговото име.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2019 15:50