Во рамки на „Лето на тетовската култура“ вечерва се одржува „Ноќ на разноличноста“ со настап на изведувачи на македонски и албански јазик. Изведувачите ќе настапат на отворено на градскиот плоштад во Тетово со почеток во 19 часот.
– Претставници од групи и друштва кои настапуваат на македонски јазик „Тетовски тамбураши“, Балетско студио „Менада“, фестивал „Јаболчиња“ и културно уметничко друштво „Свети Сава“. Претставници на албански јазик се КУД „Дрита“ од Сарај и КУД „Јехона е Малезис“ од Тетово, информира Јетон Пустина, од организацијата на „Лето на тетовската култура“.
Преостануваат да се одржат настани како дел од „Лето на тетовската култура“ уште во наредните три дена. Утре на плоштадот концерт ќе одржи раперот Џико од Косово. Во среда, 31 јули, настапува Елвана Ѓата од Албанија. Во четврткот завршниот настан во рамки на „Лето на тетовската култура“ е концертот на тетовската музичка рок група Елита 5. Сите концерти започнуваат во 20 часот, а ќе има настапи и на ди-џеи.