Ансамблот на НУ Народен театар-Битола, по успешниот настап на „Охридско лето“ вечер на матичната сцена ќе ја изведе премиерата на претставата „Август во округот Осејџ“ од Трејси Летс, во режија на Драгана Милошевска-Попова.

Главната улога во претставата, ликот на Вајолет Вестон, го игра актерката Елена Моше според која ликот на Вајолет бил голем предизвик и затоа, како што најави во пресрет на вечерашната премиера, максимално се вложила за да ги исполни барањата на режисерот.

-На јавноста и е познато дека истоимениот филм беше многу наградуван, а тоа со други зборови значеше дека уште повеќе треба да се вложам во ликот што го играм. Улогата е моја автентична и не влијае врз мојата изведба, ниту пак е слична. „Август во округот Осејџ“ е претстава во која може да се плаче, да се смее…многу е емотивна и јас верувам дека публиката долго време ќе ја сака оваа претстава, истакна актерката Моше.

Во најновиот театарски проект на битолскиот театар освен Елена Моше настапуваат и актерите Борис Чоревски, Јулијана Мирчевска, Петар Горко, Ангела Димитровска, Викторија Степановска-Јанкуловски, Катерина Аневска-Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Мирчевски, Марјан Ѓоргиевски, Марија Стефановска, Николче Пројчевски и Васко Мавровски.

-По изведбата на премиерната претстава ансамблот на нашиот театар ќе се подготвува за гостување во Црна Гора каде ќе учествуваме на меѓународен театарски фестивал во Будва. Меѓународната соработка е исто така важен сегмент во нашата работа, а потврда за тоа е и неодамна потпишаниот договор за соработка со театарот во Корча од соседна Албанија, со што успешно го заокружуваме овој дел од театарската сезона, истакна Илина Чоревска, уметнички раководител во НУ Народен театар-Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2019 12:13