„Александар и Клеофила“ е насловот на новиот роман на Паскал Гилевски објавен од издавачката куќа „Матица македонска“, која соопшти дека се работи за апотеоза на љубовта.
– Инспирирана е од најголемото љубовно доживување на Александар Велики и волшебната индиска кралица Клеофила. Гилевски ги испреплетува двете љубовни приказни, мајсторски мешајќи ги времињата, античкото и нашето време, наведува издавачот.
Паскал Гилевски (Сетома, 1939) е автор на богат поетски и прозен опус, високо вреднуван од литературната критика. Добитник е национални и меѓународни признанија, меѓу кои и на наградите „11 0ктомври“, „Стале Попов“, „Рациново признание“ и „23 Октомври“.
Член е на Унгарската академија на науките и уметностите од 1996 година.