Министерот за култура Хусни Исмаили оствари работна средба со градоначалниците на општините Липково, Боговиње, Врапчиште, Битола, Крушево и претставник од Градот Скопје, на која се разговараше за одобрените средства за капитални дотации во областа на културата во 2019 година.

Како што информира Министерството за култура, по средбата, министерот за култура и градоначалниците потпишаа Договор за реализација на Програмата за користење на средствата за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата за оваа година.

– Во согласност со владината програма, одобрените средства во висина од 117.056.131 денар ќе бидат наменети за: реконструкција со доградба и надградба на Конгресниот центар Универзална сала – Скопје, изградба на Спомен-обележјето на Тоше Проески, изградба на Дом на културата во Општина Боговиње, реконструкција и адаптација на Културниот центар „Шота“, село Неготино, Општина Врапчиште, ентериерно уредување на објектот „Кино Манаки“ – Битола, како и други капитални проекти во културата во единиците на локалната самоуправа, наведува Министерството во соопштението.

Министерот за култура и градоначалниците констатирале дека реализацијата на проектите во сите шест единици на локалната самоуправа во голема мера ќе влијае врз развојот и унапредувањето на културното живеење во овие општини поединечно, но истовремено ќе биде и нов импулс во унапредувањето на културната понуда во целата држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2019 14:44