Во петок истекува рокот за доставување фотографии од Крива Паланка и околината за учество на наградниот конкурс во организација на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“.
Целта на овој натпревар е да се направи колекција од впечатливи фотографии од градот Крива Паланка и неговите убавини со цел промоција и развој на туризмот.
Одговорните од Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ ги повикаа сите љубители на убавото, на природата, но и на пејзажите и знаменитостите кои го карактеризираат овој град, наречен „Источна порта кон Европа“, да учествуваат на натпреварот.
Учеството е со објава на фотографија од Крива Паланка на фесјбук профилот на фондацијата со хаштаг #УбавинитеНаКриваПаланка.
Бројот на фотографии е ограничен на три, а можат да учествуваат сите граѓани на општината, посетители и туристи.
– На натпреварот се прифаќаат фотографии со каков било мотив кои јасно без опис даваат слика и претстава за Крива Паланка. Истите може да бидат направени со телефон, фото-апарат или дрон, под услов сликите да се со добра резолуција, информира Ирена Белешковска, извршна директорка на Фондацијата “Со срце за Крива Паланка”.
Фотографиите може да се објавуваат најдоцна до 1 август 2019 година. Влијание во оценкатата ќе има и бројот на допаѓања на сликата, а авторите на најдобрите фотографии ќе добијат парични награди, согласно одлуката на посебно формираната стручна комисија.