Со отворање на изложба на цртежи и графики од збирката на Меѓународната струмичка ликовна колонија утре ќе биде означен почетокот на 56 собир на ликовни уметници од повеќе земји од светот.

На годинашната ликовна колонија ќе учествуваат 15 уметници од Бугарија, Грција Србија, Русија, САД, Полска и Република Македонија.

-Традиционално уметниците творат во Домот на Културата, а во рамките на колонијата по 26 пат ќе се одржи и Студиото за мозаик, на кое учествуваат тројца мозаичари. Уметниците имаа слобода во изборот на темите. Ќе работат во масло на платно, акрил, скулптури и мозаик и очекуваме за време на одржувањето на ликовната колонија да се создадат нови триесетина дела со што ќе се збогати досегашниот фонд од над 2.600 дела, информира Александар Филев, раководител на ликовно-галериска дејност при НУЦК „Антон Панов“-Струмица.

Колонијата ќе се одржи од 1 до 12 август, а во досегашните изданија на Меѓународната струмичка ликовна колонија учествувале 1.400 уметници од земји од целиот свет.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2019 15:32