Министерството за култура денеска распиша Конкурс за учество во финансирање проекти за манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година, која ќе се одржува од 20 септември до 15 ноември.

Целта е децентрализација на културата од главниот град во локалните средини, збогатување, интензивирање и раздвижување на културната понуда, како и поттикнување и активирање на независната културна сцена и создавање еднакви можности за сите.

-На овој начин ќе се обезбеди „култура до сите и за сите“, и тоа со рамномерна географска застапеност во сите плански региони, соопшти Министерството за култура.

Конкурсот ќе трае до 30 август 2019 година, а право да учествуваат имаат здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата.

Предлог-проектите може да бидат од некоја од областите на уметничкото творештво: самостојни и групни изложби; солистички, камерни, симфониски и фолклорни концерти, рок- и џез-концерти; театарски претстави и филмски проекции или, пак, содржините да имаат мултимедијален и интердисциплинарен карактер (акции, ликовни интервенции во урбан простор, хепенинзи, перформанси…). Локациите за нивно одржување може да бидат во јавни и во алтернативни простори, како и во нефункционални, руинирани објекти или простори кои може да се „оживеат“ и да се „рестартираат“ како уметничка сцена.

Министерството за култура соопшти дека предност ќе имаат мали мобилни проекти, кои како активност се планирани за неколку регионални локални средини и чија реализација е со соработка меѓу здруженија и поединци од невладиниот сектор, а во кои се вклучени уметници од домашната сцена. Предност, исто така, ќе имаат носители на проекти кои не биле финансирани во рамките на Годишната програма од национален интерес од областа на културата за 2019 година или, пак, ги завршиле проектите со сите фази.

За учество на Конкурсот се доставува пополнета пријава, која треба да се преземе на веб-страницата на Министерството за култура www.kultura.gov.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2019 14:58