Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со целовечерниот концерт на уметниците од гудачкиот квартет „Дисонанс“ од Словенија, со специјалниот гостин – кларинетистот Дарко Брлек. Концертот ќе почне во 21 часот, во катедралната црква „Света Софија“.

Музичарите од гудачкиот квартет „Дисонанс“, во состав: Јанез Подлесек – прва виолина, Матјаж Поровне – втора виолина, Оливер Диздаревиќ на виола и Клемен Хвала на виолончело, првпат се собрале поради изведба на дело за гудачки квартет од словенечкиот композитор Лојзе Лебич во 2014 година. Тоа било премиера на делото кое било напишано 30 години порано.

Изведбата на квартетот била одлично примена од стручната публика, а музичкиот критичар д-р Грегор Помпе за дневниот весник „Дневник“ ќе напише: „овој ад-хок составен квартет за изведба на делото од Лебич беше вистинско изненадување. Станува збор за дело кое е бескомпромисно модерно, поради што веројатно досега не се нашле домашни музичари кои би го извеле, но затоа детерминираноста на младите музичари од Словенечката филхармонија длабоко навлезе во звучните каскади и придонесе кон возбудлива изведба. Би било навистина одлично кога овие музичари би креирале постојан ансамбл“.

По ваквиот прием, членовите на „Дисонанс“ навистина одлучиле да останат присутни на класичната музичка сцена, именувајќи го ансамблот со името на Моцартовиот гудачки квартет во C-dur, KV 465.

Од основањето до денес, квартетот „Дисонанс“ настапува во концертното ателје на Сојузот на словенечките композитори, на Светските музички денови во 2015, на фестивалот „Собошки денови“ во 2016, на фестивалот во Марибор, на интернационалното биенале за современа музика во Копер… Во соработка со италијанскиот кларинетист Микеле Марели квартетот настапил на летниот фестивал во Акви Терме, Алесандрија, во 2015 година, а го реализира и проектот „Деконструиран Моцарт“ во рамките на интернационалниот циклус „Симфониски гласови“ во Копер. Според членовите на ансамблот, името на квартетот ја отсликува нивната тенденција покрај класичната музичка литература, посветено да изведуваат и современа музика, особено напишана од словенечки композитори.

Дарко Брлек е генерален и уметнички директор на Интернационалниот фестивал во Љубљана. Во 1991 е најмлад именуван директор на Словенечката национална опера и балет во Љубљана, а само една година подоцна застанува на чело на „Љубљана фестивалот“ како негов уметнички директор, функција која ја обединува со позицијата на генерален директор во 1995.

Како профилиран културен работник, Дарко Брлек е на бројни клучни културни позиции во Словенија. Меѓу другото, основач е на Културната комора на Словенија, а бил и дел од управните одбори на театарот во Марибор и на Аудиториумот во Порторож. Од 2005 до 2017 година е претседател на Еврпската асоцијација на фестивали, по што е прогласен за нејзин почесен член, а истовремено е и директор на Фестивалската академија за млади менаџери во културата која е иницијатива на Европската асоцијација на фестивали. За неговите залагања во културата добитнике на бројни државни награди и признанија меѓу кои и наградата „Отон Жупанчич“-највисока награда која ја доделува градот Љубљана за високи достигнувања во областа на уметноста и културата, а на 4 јули 2018 година Дарко Брлек беше одликуван со Орден за заслуги од Престседателот на Република Словенија за особен придонес во словенечката култура.

За Дарко Брлек културниот менаџмент е повеќе од професија, но тој истовремено активно се занимава со неговата прва љубов – музиката, настапувајќи како кларинетист во Словенија, но и на меѓународните концертни подиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2019 10:35