Во Музејот на современата уметност (МСУ) на 11 август од 16 до 19 часот ќе се одржи интердисциплинарна работилница на тема „Женскиот поглед”, како дел од перформативниот простор на вмрежување во рамки на програмата на изложбата „Родови перцепции“.
Работилницата вклучува отворени дискусии на тема „Женскиот поглед (наспроти традиционално машкиот“ и ќе ги постави прашањата што претставува тој, како се доживува, дали воопшто постои, и доколку постои – како се применува во контекст на визуелните уметности, како и индивидуална работа на текст и слики.
Работилницата се организира во соработка со Калиа Димитрова од „Медуза“ – феминистичка платформа создадена за девојки, жени, родови и сексуални малцинства.
– „Женскиот поглед” е отворена за сите кои би сакале да пишуваат за уметноста и културата од женската позиција, наведува МСУ. Бројот на учеснички и учесници на работилницата е ограничен, а заинтересираните треба да пратат кратко мотивациско писмо и контакт-информации на kumjana.novakova@msu.mk.
Работилницата е дел од програмата на изложбата „Родови перцепции” која се реализира во соработка со Британскиот совет, а која претставува 39 дела од 25 македонски и британски авторки, меѓу кои Трејси Емин, Сара Лукас, Лубаина Химид, Анета Светиева, Моника Мотеска. Оваа изложба во МСУ може да се посети до 12 август.