Програмата на „Охридско лето“ за овој фестивалски ден нуди две уметнички содржини – концерт на дувачкиот квинтет „Пилекадоне“ од Бугарија во музичкиот дел и во драмскиот дел, театарската претстава „Буре барут“ во изведба на Народниот театар од Истанбул.

Дувачкиот квинтет „Пилекадоне“ го сочинуваат уметниците Мила Павлова на флејта, Валентин Методиев на обоа, Венелин Пиперов – кларинет, Јасен Теодосиев – хорна и Евгениј Тонев на фагот.

„Пилекадоне“ е формација со богата историја, која датира 25 години наназад кога првичните членови на квинтетот биле сѐ уште тинејџери и кога самото име на овој ансамбл предизвикувало внимание поради необичноста, евентуалната поврзаност со прекарот на Чарли Паркер (Yardbird) – до денес токму таа мистичност останува една од главните атрибути на „Пилекадоне“.

Секој од членовите на овој квинтет има активна кариера како солист, а сите се членови на елитните бугарски оркестри: Софиска филхармонија, Оркестар на Бугарското радио, Класик ФМ оркестарот. Ансамблот „Пилекадоне“ е награден со престижната награда „Златна лира“ која ја доделува Сојузот на бугарските музичари и танчери за особени достигнувања во изведувачката уметност. Квинтетот настапувал на сите значајни фестивали во Бугарија и надвор од неа, соработува со некои од најпознатите бугарски композитори меѓу кои и номинираната за ГРЕМИ награда, Добринка Табакова, која како и другите композитори му посветува дела токму на „Пилекадоне“.

Нивниот израз ги надминува границите на традиционалниот класичен концертен пристап, честопати преплетувајќи се со нови форми како мултимедија, концептуална уметност, соработка со актери и танчери, како и со хорот на „Софиските момчиња“. Една од новите и позначајни соработки е концертното партнерство со светски познатата виолинистка Албена Данаилова која е концерт-мајстор на Виенската филхармонија. Во 2019 година Бугарската национална телевизија на квинтетот „Пилекадоне“ им посвети филмуван концерт.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 20 часот.

Што се однесува на театарската претстава „Буре Барут“ на нашиот Дејан Дуковски, познато е дека текстот го прикажува Балканот преку метафоричната синтагма буре барут; и „сите сакаат да фатат џаде“, а што по/таму? Оттука почнува мотивацијата на ликовите, на нивните постапки: убиства, осакатување, неверства, заговори, обиди секогаш безуспешни. Тие маргиналци се непредвидливи, фрустрирано понесени кои или завршуваат со само/убиство или продолжуваат во ќор-сокак резигнирани и носталгични; типови кои немаат поим како да се вратат во некаква нормала, носени од (некаков) балкански во ген пишан рецепт за животот.

Секоја сцена во „Буре барут“ е самостојна и секогаш еден од ликовите од претходната го има и во следната сцена, при што тие ликови-провлекувачи, како да обединуваат една виртуелна целина. Така, во првата и последната сцена се појавуваат истите имиња, но двете се разликуваат и по времето и по просторот: сон/јаве, по целиот амбиент и по постапките на ликовите.

За оваа поставка на „Буре барут“ од страна на режисерот Јилдирај Шахинлер, кој е професор на неколку универзитети, а во моментов уметнички директор на Универзитетот за театар во Истанбул, „Халк Театар“, повеќе ќе биде изнесено на прес-конференцијата што ќе се одржи денеска по повод гостувањето на Истанбулскиот театар на „Охридско лето“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2019 11:17